
Паровите кои работат слична или иста работа потешко ја одржуваат рамнотежата помеѓу љубовниот и работниот живот, покажуваат најновите истражувања.
На прв поглед можеби изгледа романтично, но да се биде на исто или слично работно место со партнерот и не е толку добра идеја. Наводно, најновите истражувања откриваат дека е тешко да се пронајде рамнотежа помеѓу љубовниот и приватниот живот кај паровите кои работат заедно, пишува британскиот Телеграф. Во истражувањето учествувале повеќе од 600 испитаници, а половина од нив работат на исто работно место или во ист сектор со својата партнерка или партнер. Испитаниците одговарале на прашања за бројот на работните часови, интензитивноста на поврзаноста на приватниот и работниот живот и меѓусебното влијание на тие две сфери. Стручњаците откриле дека со повеќе проблеми се борат паровите кои работат на исто или слично работно место со љубовниот партнер. Исто така, таквите испитаници имале доста поголем број на работни часови од останатите. "Кај партнерите кои работат во ист работен сектор доаѓа до прелевање на проблемите од работниот во приватниот живот. Тоа ја нарушува рамнотежата во животот. Предност на заедничкото работење се гледа во подоброто меѓусебно разбирање што може да го намали стресот", истакнала водителката на истражувањето, професорката Gail Kinman.